Првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски повторно е во болница. Тој е хоспитализиран во Градската општа болница “Осми септември“, откако денеска се пожалил на болки во желудникот. Тврдејќи дека здравјето му е влошено, неговата одбрана претходно поднесе медицинска документација со цел да му се укине притворот. Јовановски кој е познат како Боки 13 неодамна исто така беше хоспитализиран откако почна да повраќа во просториите на Обвинителството каде требаше да даде исказ за „Рекет“.
Претходно тој изјави дека иако физички изгледа добро, неговата состојба е животозагрозувачка, бидејќи има проблем не само со желудникот, туку и со белите дробови.
Јовановски е во притвор во Шутка веќе три месеци, откако Обвинителството објави дека го товари за изнуда на пари од бизнисменот Орце Камчев.