Трансплантацијата во земјава е еден од приоритетите на Министерството за здравство и на Владата. Во финална фаза е изработката на Националната листа за трансплантации на бубрези и до крајот на месецов на листата ќе има повеќе од 150 хла типизирани пациенти на дијализа кои имаат потреба од бубрег. Националната листа е изработена по примерот на Еуротрансплант првпат во државава, соопшти денеска Министерството за здравство.
Од Министерството посочуваат дека веќе склучиле договори за соработка со болници од Израел и Турција, а во преговори е и соработка со центри во Словенија, Хрватска и Австрија, како и потпишување договор со Еуротрансплант, што ќе овозможи размена на органи со блиски земји, членки на Еуротрансплант.
Годинава, покрај трансплантациите од жив донор, направени се и четири кадаверични трансплантации и осум пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрегот од починат донор. Планирано е оваа бројка двојно да се зголеми во 2020 година, наведуваат од Министерството. Паралелно со трансплантацијата на бубрег, се прават подготовки и за трансплантација на срце и црн дроб. Тим експерти кардиохирурзи, кардиолози и интернисти се во координација и веќе се работи на изработка и на Нацонална листа за трансплантација на срце, а паралелно со тоа и на финиширање на подготовките за практична реализација на трансплантацијата. Целта е идната година да се направи и трансплантација на црн дроб во земјава, потенцираат од Министерството.
Од Министерството планираат идната година да ја посветат на камања на подигнување на свеста за органодонорството.
Секој подарен орган е спасен живот. За нас, ова е мотивот за работа. Сериозниот пристап, работата и ставот кој го имаме кон вакви чувствителни теми, како и досега се императив и ќе продолжиме во таа насока. Трансплантацијата и грижата за нејзино унапредување ќе останат над дневно политичките теми. Секој спасен живот е мотив да продолжиме да работиме на унапредување на здравствениот систем, посочуваат од Министерството и додаваат дека годинава ќе го одбележат Денот на органодонорството на 15 октомври со стручна дебата на тема „Трансплантација“, на која ќе присуствуваат еминентни личности вклучени во трансплантацијата во земјава.