Коѕијас: И Нова Демократија и СИРИЗА, сите се задоволни од Договорот од Преспа – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/19 12:07 PM

Коѕијас: И Нова Демократија и СИРИЗА, сите се задоволни од Договорот од Преспа

Сите се задоволни од Договорот од Преспа, вели поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“, објаснувајќи дека Нова демократија е задоволна, бидејќи е постигнат најдобар можен договор без да има цена, СИРИЗА затоа што гласаше за договор од историско значење, jави дописничката на МИА од Атина.

– Да бидеме искрени. Сите се задоволни од Договорот од Преспа. Нова демократија затоа што се постигна најдобар можен договор, без таа да има цена. СИРИЗА затоа што гласаше за договор од историско значење. Се разбира, некои би посакале да не го постигнев јас договорот. Не е важно. Сите ние што работевме на договорот ѝ служевме на татковината, ја извршивме нашата должност. Имаше цена? Да! Висока лична цена!, вели Коѕијас, одговарајќи на прашањето во однос на тоа дали Договорот од Преспа е корисен.

Во интервјуто за викенд изданието на грчкиот весник, Коѕијас ја коментира и политиката на актуелната грчка Влада во однос на Договорот од Преспа и вели дека „реализмот што го откри е добар“.

– Но, овде постои една игра: актуелната Влада не е во можност од политички и морални причини, да го следи спроведувањето на договорот. Во пракса не ја интересира, иако е гласна на зборови. Владата на Северна Македонија го сфати тоа и тоа што може не го спроведува. Ова пак ѝ одговара на Нова демократија. Ги осудува прекршувањата што таа ги предизвикува за да може да се повика на нив како изговор за нејзините предизборни преправања, вели поранешниот шеф на грчката дипломатија и додава дека сега „дојдоа оние кои живеат од проблемите“.

Коѕијас во интервјуто особено го истакнува преземањето од грчка страна на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и потенцира дека „доволно е да се размисли каква ќе беше безбедноста на Грција, доколку Турција ја имаше таа контрола“.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција коментира дека Договорот од Преспа не е главната причина за поразот на СИРИЗА на европските, локалните и парламентарните избори, а говори и за несогласувањата со Панос Каменос.

– Нападот од негова страна не одведе никаде, само на суд. Можеби имаше некаква обврска. Не знам. Она што е сигурно е дека коалицискиот партнер во Владата не се несогласуваше само со името „Северна Македонија“. Посакуваше нејзино распаѓање, дури и инвазија, но и други неверојатно полоши работи, вели Коѕијас за „Та неа“.