Дуковскин за Боки 13: Почна да повраќа и колабираше, не даде исказ (ВИДЕО) – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/19 1:40 PM

Дуковскин за Боки 13: Почна да повраќа и колабираше, не даде исказ (ВИДЕО)

Адвокатот Сашо Дуковски на првосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски, по изнесувањето на Јовановски од Обвинителство поради повраќање, губење свест и неконтактибилност, рече дека бил сведок на неубава слика и уште еднаш потенцираше дека на Јовановски му е потребна соодвета хоспитализација.

„Што се случи? – Па непријатна сцена се случи, се она што се случува во последните 40 до 50 дена односно откако е притворен. Почна да повраќа и колабираше, не беше контактибилен одредено време. Дојде брза помош и однесен е на понатамошна инвестигација, не знам во која клиничка болница. Иако има мислење од Клиниката за торакална хирургија дека е неопходна хоспитализација заради целокупната здравствена состојба, прилично непријатна сцена, која нема никаква врска со правото“, рече Дуковски.

На новинарско прашање дали има сигнал од обвинителството дека можеби размислуваат да побараат некаква мерка поради здравстевна состојба, Дуковски рече дека не е во состојба да зборува и рече дека тој и обвинителството не се лекари.

„Не сум ни јас сега во состојба да зборам, навистина непријатни сцени се тоа, второ обвинителство и јас не сме лекари, она што го видовме не беше воопшто пријатно. Секој човек заслужува и тоа уставно загарантирано начелно право, право на живот. Јас сметам дека секому треба да му се даде адекватна медицинска нега, независно дали и што сторил. Кривична или било каква постапка е една работа, правото на живот и на здравје е друга работа. Не случајно сега е однесен итно во болница, и не случајно досега најмалку 20 пати бил на субспецијалистички прегледи, има мислење дека е неопходна хоспитализација“, изјави Дуковски.

Адвокатот сликовито објасни дека само што тој пристигнал во Обвинителство, Јовановски веќе повраќал во тоалетот, и дека воопшто не дал исказ.

Видеото е преземено од www.telma.com.mk