Гасификацијата на општината е капиталниот проект на која што е заснована стратегијата Локалниот економски развој на Штип за следните пет години. Но тоа не е единствената стратешка насока на која што ќе биде насочен локалниот економски развој – тврди штипскиот градоначалник, Благој Бочварски затоа што , смета тој, во нејзиното креирање учество зема и невладиниот и бизнис секторот, опфаќајќи ги сите сегменти од животот на граѓаните.
,,Гасификацијата секако е еден од најважните проекти бидејќи тангира повеќе области. Едниот дел е моментот на економијата и економскиот развој преку отворање на нови работни места, бидејќи ќе помогнеме на бизнис секторот, ќе ги намалиме нивните трошоци, ќе ја намалиме цената на нивниот производ и продукти, а од друга страна тука е заштитата на животната средина, бидејќи ќе ги намалиме отровните гасови кои се испуштаат преку сегашните системи на греење.Приоритет ни е и пречистителната станица на отпадни води. Веќе имаме готов проект, ревидиран, има и утврдена локација. Во исчекување сме на одобрување на средства од ЕУ. Тоа се грантови што ги доделува ЕУ наменети за ваков вид на објекти, бидејќи се работи за големи суми, од 8 до 9 милиони евра“, вели Бочварски.
За Борис Шарковски, извршен директор на Фондацијата за развој на Локлната заедница оваа стратегија која што е направена и претставува клучен документ за сите општини е добра стратегија, затоа што елиминира една од грешките на досега креираните стратегии.
,,Не е список на желби, туку е стратегија која што е реална, на која што може да се повика и во која мое да се најдат проекти кои што може да се имплементираат. Од тоа што ќе имплементира општината, која што е клучниот реализатор на оваа стратегија, најмногу ќе зависи од неа. Како почеток стратегијата е добра, добро изработена, процесот беше партиципативен и јас лично очекувам дека ќе се спроведе голем дел од неа“, смета Шарковски.
Во Совет на Општина Штип се одржа јавна расправа за стратегијата за Локален економски развој 2019-2024 година, финалниот документ ќе треба да се усвои на седница на совет.
Забелешките на присутните како и дикусијата што се разви беше главно во правец да се искористат сите можности што може да ги понуди градот за развојот на туризмот. Ако гасификацијата е приоритет ќе треба и образованието да се приспособи на потребите, беше една од забелешките.Туроператорите сметаат дека општината треба да поработи на поголема презентација на градот на туристичките саеми, но за тоа ќе треба да се подготви и промотивен материјал кој за жал во моментов општината го нема.За периодот што следува според забелешките треба да се размислува и за фактор дека од ден на ден се намалува бројот на такси возилата, а градски превоз во општината нема.