Јанчев:Ако ВМРО ДПМНЕ не се вразуми можно е формирање нова партија – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/19 10:39 AM

Јанчев:Ако ВМРО ДПМНЕ не се вразуми можно е формирање нова партија

Во подолгото интервју за „Фактор“, Митко Јанчев вели дека не сака да го погази или да го збуни членството, но, смета дека ако партијата не се вразуми и не ја смени политиката и реториката, се остава простор да се формира нова партија, во која и тој би учествувал. Јанчев одговара на шпекулациите дека се работи на формирање на нова партија, која би се викала Македонски концепт, каде покрај него би влегле Никола Тодоров, дел од реформаторите, и актуелниот  шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

Сум ги слушнал тие шпекулации од повеќе лица. И сум се слушнал и се гледам со неколку од лицата кои што ги спомнавте. Со Никола Тодоров сум куќен пријател, со министерот за надворешни работи се имаме видено, со рефорамторите не се познавам лично, се имам телефонски слушнато уште пред референдумот. Така што, не можам да кажам точно како размислуваат и што во моментов подготвуваат. Дека е логично да се размислува на таква тема во моментов, веројатно има простор, и затоа тоа се шпекулира. Дека јас лично во овој момент сум во преговори или договори за такво нешто – не. Тоа е од една единствена причина, што мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, не би сакал да ја оставам во незавидна позиција, која би била против членството, бидејќи нашето членство не заслужува да биде погазено. Тоа ми е единствената причина што не би направил таков потег барем во овој момент. Меѓутоа, ако ситуацијата налага да не се вразумиме како партија или не стигнеме до нешто што треба да стигнеме, тогаш има простор да се размислува, доколку и сакам да влегувам понатаму во политичките дејствија, бидејќи јас сепак сум градоначалник, со мандат и функција од ВМРО-ДПМНЕ. Не е далеку да се направи таа опција. Бидејќи, кога некого непотребно разрешувате и исклучувате од партија, оставате простор за правење на конкуренција. Е конкуренцијата, некогаш е незначителна, но во даден момент може да биде и побитна од поголемиот фактор. Така да, јас лично, до овој момент немам никакви преговори или договри за правење на нов концепт или нова партија, но пак ќе кажам, доколку не успееме да се соединиме и да направиме тоа што треба, не ја затворам можноста за понатамошно дејствие во тој поглед, вели Јанчев во интервју за „Фактор“.