Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на 25 отсто царини на повеќе европски производи, како француски вина, италијанско сирење, шкотско виски… во знак на одмазда за европските субвенции на „Ербас“.
Канцеларијата на американскиот трговски претставник (УСТР) објави список на стотици европски производи на кои ќе им се наметнат нови царини, откако Светската трговска организација пресуди дека САД имаат право да воведат царини до износ од 7,5 милијарди долари за да ја надоместат штетата. Новите давачки треба да стапат на сила на 18 октомври.
На списокот за нови царини се наоѓаат голем број европски производи, како салами, јогурт, бисквити, путер. Во повеќе случаи списокот се однесува само на производи од некои земји на ЕУ, како што се германско кафе и делови за камери или британска волна…