Со блокада на сообраќајот, од 7 до 9 часот, утрово на регионалнот патен правец Велес – Штип, протестираа членови на независниот синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судска полиција. Како што рече генералниот секретар на гранскиот независен полициски синдикат, Орце Коцевски најавеното покачување на платата за 5% е нереално прикажано.
– Дозволете да не манипулираат со Вас, нема никакво покачување на платата за 5% онака како некој сака да прикаже пред јавноста и вработените затоа што согласно член 158 став 6 од Колективниот договор ќе има само корекција на бодот за плата затоа што месечниот пораст на трошоците за живот изнесуваат над 5% во последните три месеци. Дали е тоа така, проверете сами, рече Коцевски
Гранскиот независен полициски синдикат, шумската, затворска и судска полиција бараат право на подостоинствен живот и услови за работа како и покачување на платата.
– Еднократно зголемување на платите за 25% почнувајќи од месец октомври 2019 година во полицијата, шумската, затворската и судска полиција. Почитувани министри само ако ја земете нашата плата ќе не разберете, со вашите сигурно нема. Бараме признавање на репрезентативноста на Независниот синдикат на полицијата на ниво на работодавач во МВР. Доста само владеењето на правото во Македонија е мисловна именка, додаде Коцевски
Во останатите барања се бара потпишување на Колективен договор и со шумската полиција и затворската полиција, услови за подобар живот и владеење на правото во државните институции особено во МВР на чиј министер, Оливер Спасовски му порачаа конечно да престанела секојдневната пресметка со професионалците во полициските редови, членови на независниот синдикат.
Додека траеше протестот на регионалниот пат Велес-Штип се создадоа долги колони од возила и камиони, а три часа подоцна синдикалците заминаа за Скопје каде ќе се одржи генералниот протест закажан пред Јавниот радиодифузен сервис.
Убавка Јаневска