Зеленчук или житарица? Пченката можеме да ја наречеме специјална храна, затоа што припаѓа во двете категории на храна. Кочаните кои што ги консумираме свежи во лето, се класифицираат како зеленчук, а пченката за пуканки припаѓа во групата на житарици.
За пченката можеме да кажеме дека е супер храна. Богата е со антиоксиданси, растителни влакна, витамини и минерали, кои позитивно влијаат врз организмот. Еве неколку добри причини за редовно да консумирате пченка:
Го подобрува крвниот притисок
Доколку страдате од висок крвен притисок, пченката е идеална храна за вас. Една чаша пченка содржи 476 мг калиум. Калиумот е значаен за регулација на крвниот притисок, а дневно се препорачува да се внесуваат 4700 мг. Сепак треба да знаете дека консумирањето на храна богата со калиум не е добра за секого, како што се постари лица и лица кои имаат проблеми со бубрезите.
Богата е со антиоксиданси
Како и другите зеленчуци, пченката може да ви помогне во борбата со слободните радикали кои ги оштетуваат клетките, а со тоа го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, канцери и други болести. Во споредба со пченицата, оризот и овесот, пченката содржи повеќе антиоксиданси, меѓу кои спаѓаат каротеноидите, витаминот Ц и витаминот Е.
Не содржи глутен
Пченката не содржи глутен и може безбедно да ја консумираат лица кои што имаат целијанчна болест.
Го штити здравјето на очите
Пченката содржи каротеноиди кои се особено добри за здравјето на очите: лутеин и зеаксантин. Како антиоксиданти, лутеинот и зеаксантинот го штитат здравите клетки во очите од оштетување од светлосните зраци. Истражувањата покажале дека лутеинот и зеаксантинот може да ги заштитат вашите очи од развој на хронични заболувања на очите како што се макуларна дегенерација и катаракта.
Помага при запек (констипација)
Една чаша пченка содржи 12 грама растителни влакна, кои особено се корисни за лица кои имаат проблеми со запек. Покрај тоа, растителните влакна помагаат за побрзо отстранување на штетните материи од организмот.
Преземено од: sezahrana.mk