Иако Обвинителството за организиран криминал соопшти дека е завршена истрагата за „Рекет“ во делот за влијание од Катица Јанева врз таа за „Империја“, сепак уште траат вештачења кои најверојатно ќе ги надополнат собраните докази. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека во МВР се вештачи компјутерот на синот на поранешната специјална обвинителка Јанева, што бил одземен при претресот во неговата канцеларија во 1 ТВ на притворениот Јовановски.
Како што пишува СДК, се бара остатокот на парите кои Јовановски ги земал во два наврат од пријавителот на рекетот, Орце Камчев. Тој е првоосомничен во „Империја“.
Според истрагата, над 300.000 евра Јовановски потрошил во Италија, но потрагата по тоа каде точно завршиле земените 1,5 милион евра, продолжува. Истрагата проверува дали дел од тие пари ѝ биле исплаќани на Јанева евентуално преку месечни примања и разни премии на сметката на нејзиниот син, раководител во правната служба на телевизијата на Бојан Јовановски. Мобилниот телефон на синот на Јанева, не му бил одземен.