Македонците бараат редакција во албанската државна радио-телевизија – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/19 10:36 AM

Македонците бараат редакција во албанската државна радио-телевизија

Македонското друштво „Илинден”-Тирана во име на Македонците во Република Албанија достави барање до државната радио-телевизија да биде формирана редакција на македонски јазик.

– Македонско друштво „Илинден”-Тирана бара од албанската радиотелевизија да има и редакција на македонски јазик, како што има на англиски, француски, италијански, германски, грчки, српски и турски јазик. Се надеваме дека барањето ќе биде прифатено и земено во предвид и оти набрзо ќе има редакција и на македонски јазик,стои во барањето до генералниот директор Тома Глчи.

Кусо се додава дека мисијата на друштвото е заштитата на етничкиот, културниот и верскиот идентитет, зачувувањето на јазикот и образованието на мајчин јазик на македонското национално малцинство Република Албанија.

Вториот канал на албанската државна телевизија, на 25-ти септември пред две години за првпат почна со емитување емисија на јазиците на малцинствата,вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик.

Освен информативаната емисија-вести, се емитуваат и документарни емисии, музика, репортажи, образовни емисии, серии со кои се промовираат и се афирмираат културата, обичаите, традицијата и сите останати вредности на малцинствата.

– Емисијата на македонски јазик се емитува секој ден, од понеделник до петок, 20:30 – 21:00 часот. Од полчасовниот термин 5 – 7 минути се отстапуваат за вести а во останатите минути се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи, вели Никола Ѓурѓај претседател на друштвото „Илинден”.

Посочува дека во моментот емисиите ги подготвуваат Маријана Костофски и нејзиниот брат Илче Костофски, кои немаат статус на вработени во албанската радио-телевизија.

МИА