1,2 милиони денари донирани на хуманитарниот пикник на „Алкалоид“ за „О2 Иницијатива“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/19 2:57 PM

1,2 милиони денари донирани на хуманитарниот пикник на „Алкалоид“ за „О2 Иницијатива“

Милион и двесте илјади денари беа донирани на граѓанското здружени „О2 Иницијативата“, на денешниот донаторски хепенинг кој по деветти пат го организира Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е „Алкалоид“. На годинашниот хепенинг над 3000 присутни на овој настан оставија личен придонес во кревањето на свеста за значењето на чиста и здрава животна средина.

Вработените во „Алкалоид“ , нивните пријатели и роднини ја покажаа нивната свесност и потреба да помогнат, да донираат и да најдат форма како може да се помага на заедницата, истакна Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ – Скопје.

„Оваа година ние сме тука, и одлуката падна со акламација морам да кажам дека во овој момент што е најголем предизвик за сите нас, тоа е здравата животна средина, нашата околина, воздухот кој ни треба, затоа што нашето мото е „здравјето пред се“. А за мене и за сите тука, здравјето е првиот приоритет кој е врзан во овој момент за жал и со квалитетот на воздухот кој го дишеме. Врзано со тоа ние сакаме да ја подигнеме свеста за здравата околина, затоа што така сметаме дека ќе се подобри и квалитетот на животот во нашата држава и од тој аспект одлуката падна да овие средства кои ги собравме се околу 1.200.000 денари, се одлучивме да ги донираме на граѓанската организација О2. Борци за нашиот воздух. За мене е голема гордост и чест што можеме да помогнеме, да допринесеме барем на еден мал начин да ја подигнеме свеста“, истакна Мукаетов.

Главниот проблем во нашата земја не е само загадениот воздух, туку и почва и води, потенцираше  Ели Пешева, претставничката и еден од основачите на „О2 Иницијатива“.

„Знаете дека кај нас не е проблем само воздухот, ние имаме загаден воздух, почва, води во сите сегменти имаме огромно загадување кое што влијае на здравјето на сите нас, пред се на здравјето на нашите деца. Имаме толку убава држава, толку многу потенцијал во нејзе кој што може да се искористи. Нашата идеја е да работиме на покревање на јавната свест, како што тоа го правевме и досега, но исто времено преку нашите акции кои што и понатаму ќе ги работиме, и се надеваме на вашата поддршка и во реализација на акциите кои што че ги работиме да ги мотивираме и поттикнуваме и институциите и генерално државата да го сфати овој проблем многу посериозно и се разбира да оставиме една здрава чиста и убава држава на идните генерации“, изјави Пешева.

Здружението „О2“ е иницијатива која се залага за чист воздух, почва, вода без индустриски црни точки, диви депонии, но со чисти реки и комплетно сочувана и заштитена природа.