Зелена лупа:„Неуромедика“ и „Систина“ го оправдаа отуството на Сашо Мијалков – ММС
ММС

Објавено на: 09/27/19 6:58 PM

Зелена лупа:„Неуромедика“ и „Систина“ го оправдаа отуството на Сашо Мијалков

Повраќање, проблеми со желудникот во здравствената белешка го одложи доаѓањето на Сашо Мајалков на судењето во Кривичниот суд Скопје, каде денеска се одржа ново рочиште за предметот “ТРЕЗОР” кој го води Судијката Џенета Бектовиќ, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Артан Ајро.

Сите странки беа на време пристигнати во судница со исклучок на обвинетиот Сашо Мијалков кој не се појави на денешната главна расправа.Рочиштето започна со задоцнување од 30 минути, во очекување дека ќе се појави поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.При влегувањето во судницата, Судијката Бектовиќ се обрати кон присутните со зборовите :
-“Некој фали”?!

Адвокатот Љупчо Шврговски пристапи кон судот и достави медицинска документација од ПЗУ “НЕУРОМЕДИКА” И “АЏИБАДЕМ СИСТИНА” – СКОПЈЕ со која го “покрија” денешното отсуство на обвинетиот Мијалков, пишува во својот редовен извештај „Зелена лупа“.

Судијката Бектовиќ на записник целосно ја вметна содржината од медицинските потврди со дијагнозата која беше наведена, во која се констатирала влошената здравствена состојба на обвинетиот Мијалков како: Повраќање, проблеми со желудникот, и препорачана контрола за една недела од отвореното боледување со датум 25.09.2019 година.

Обвинителот Артан Ајро достави до судот решение од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со кое им се дава овластување за водење на предметот “ТРЕЗОР” на обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов.Одбраната воопшто не приговараше на доставеното овластување.

Судечкиот совет се повлече од судницата без соопштување на присутната јавност.
По дваесетина минути повторно се вратија во судницата и Судијката Бектовиќ соопшти на присутните дека поради неисполнети услови за работа денешната главна расправа се одложува за 30.09.2019 година и ја извести одбраната за задолжително присуство на тоа рочиште, бидејќи веќе на 01.10.2019 истекуваат 90 дена од претходното рочиште и постапката се враќа од почеток.

Судот ја информираше одбраната за последиците од отсуство на следната главна расправа, и доколку обвинетиот Сашо Мијалков не се појави и на тоа рочиште, судот ќе одлучува како и на кој начин ќе изврши проверка на неговата здравствена состојба и на доставените медицински потврди.

Од мониторингот Зелена Лупа пишува дека токму обвинетиот Сашо Мијалков на вчерашното рочиште за предметот “ТОРТУРА” (26.09.2019)беше присутен во судницата и воопшто не се пожали до судот за негова влошена здравствена состојба, напротив во одлична кондиција ЕКСПРЕСНО со своето обезбедување ја напуштаат судницата кон блиските кафулиња.

Следното рочиште е закажано за 30.09.2019 во 13 часот.