По еден вербален напад врз доктори до полицијата е пријавен во Тетово, Штип и Скопје. Во Тетово дошло до расправија со медицинскиот персонал на висок тон во докторската ординација, по што е повикана полицијата, по што ситуацијата се смирила. Лекарката М.Ј.(29) од Штип вчера пријавила дека околу 13.00 часот, во нејзината ординација додека била на работа, М.Д.(24) од Штип упатил вербални закани кон неа. По преземени мерки, полициски службеници го лишиле од слобода М.Д., соопшти полицијата.
Синоќа пак, во Градската општа болница „8 Септември“ вербално била нападната докторка, откако на семејството му било соопштено дека нивниот роднина починал. Ова го потврди директорот Христијан Костов, кој демантира дека синдикатот и вработените протестирале пред неговата канцеларија.
Пациентот вчера попладне бил примен во болницата , по што дежурната екипа ја направила потребната дијагностика.
-Поради други состојби, бил со срцева слабост, пациентот бил на хемодијализа, тој почина околу 23 часот на интензивна нега на одделот за интерна медицина. Вербалниот конфликт настана кога им беше соопштено дека починал и биле поагресивни кон персоналот. Обезбедувањето повикало полиција и потоа семејството го зело телото“, рече Костов.