(ФОТО)Активисти „запалија“ ѓубре за да ѝ засмрди и на Владата – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/19 6:37 PM

(ФОТО)Активисти „запалија“ ѓубре за да ѝ засмрди и на Владата

Со симулација на палење на ѓубре пред Влада, активисти организирани од иницијативата „Не биди ѓубре“ им покажаа на функционерите како е да се живее во Визбегово, каде чадот е секојдневие.
„Пораката е да го свртиме вниманието на надлежните институции кон секојдневието на луѓето што ги дишат токсините од туѓото запалено ѓубре“, изјави активистката Ели Пешева.
„Нашите функционери или не се движат по градските улици или не го забележуваат ѓубрето по улиците. Сакаме да покажеме на колку малку парче земја може да се собере ѓубре и како изгледа тоа кога ќе се потпали, како ве тера да се почувствувате“, додаде таа.
Според Пешева, ветуваниот План за чист воздух, кој требаше да го намали аерозагадувањето е далеку од реализација.
„Член по член да одите од тоа што е ветувано, ќе видите дека не е мрдната една педа“, посочи таа.
Уште во првата година од Планот, загадувањето требаше да се намали за 50 отсто, но како што вели Пешева се уште има мерни станици кои не работат.


Инаку, акцијата беше дел од активностите за Глобалната недела за иднината посветена на климатските промени.
„Не сме стигнале да дискутираме за климатски промени, доцниме еден век. Ние се уште се занимаваме со основното ѓубре“ забележа Пешева.
Инаку,граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во соработка со нуркачи од „Акватек“ од Охрид, спелеолошкото друштво „Врело“ од Скопје, „Тласа“ од Битола и риболовното друштво „Рибар 2011“, во недела, во 12 часот, ќе ги вадат фрлените автомобилски гуми од Вардар.
(Радио МОФ)