Хидроцентралите Жировница 5 и Жировница 6 ги изгубија дозволите за градба – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/19 11:36 AM

Хидроцентралите Жировница 5 и Жировница 6 ги изгубија дозволите за градба

Инвеститорите на хидроцентрали Жировница бр. 5 и Жировница бр. 6 кои се наоѓаат во Националниот парк Маврово не успееја да го фатат дадениот рок, поради што ги изгубија дозволите за градба. Ова во соопштение го објави граѓанската организација Фронт 21/42, која поднесе иницијатива за инспекциски надзор за градба на овие два проекти. Концесиските договори за спорните хидроцентрали Жировница бр. 5 и Жировница бр. 6 кои се наоѓаат
во Националниот парк Маврово беа потпишани во 2015 година. Според договорот, инвеститорот
ХИДРОГЕН ЕНЕРЏИ ГРУП – конзорциум од компаниите ФЕРОИНВЕСТ и Хидрген груп, имаше 3 години да
ги реализира проектите, но инвеститорот не успеа да ги реализира во дадениот рок. Во јануари 2018 година
наместо да ги раскине договорите за концесија, Владата одлучи да ги продолжи до 3 јануари 2020 година.
На седницата на која се одлучуваше за продолжување на рокот присуствувал и Заменик претседателот на
Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој е еден од сопствениците фирмата ФЕРОИНВЕСТ.
На 4-ти Април годинава, Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе иницијатива за
инспекциски надзор за проектите. Иницијативата беше поднесена по испратеното известување од страна
на инвеститорот дека започнува со изградба на проектите. Иницијативата за инспекциски надзор беше
поднесена до три инспекторати – Државниот инспектор за животна средина, Државниот градежен
инспектор и Водостопанскиот инспекторот.
-Во јули 2019 година градежниот инспекторат утврди дека наводите во иницијативата се основани и
заклучи дека дозволите за градба за проектите МХЕ Жировница бр. 5 и МХЕ Жировница бр. 6 престанале
да важат. Минатата недела општината Маврово – Ростуше не информираше Градоначалникот ги
поништил дозволите за градба за овие две централи. Имајќи предвид дека дозволите за градба се
поништени се поизвесно е дека инвеститорот нема да ги реализира проектите во дополнителниот рок,
3ти јануари 2020 година. Тоа значи дека до крајот на годината Владата ќе треба да донесе одлука за
иднината за договорите за концесија за овие две хидроцентрали во Маврово“, изјави Александра
Бујароска, Извршен Директор на Фронт 21/42.
Слична одлука се очекува и од страна на Инспекторатот за животна средина, кој треба да одлучи за
евидентираните пропусти во Елаборатите за животна средина. Имено, Државниот инспекторат за
животна средина евидентирал дека координатите на проектите во дадените решенија за одобрување на
Елаборатите за животна средина не кореспондираат со актуелните координати во договорот за концесија.
-Се надеваме дека Владата ќе престане да им прогледува низ прсти и конечно ќе ги раскине договорите
за концесија за МХЕ Жировница бр. 5 и МХЕ Жировница бр. 6 во согласност со Препораката бр. 184 на
Бернската конвенција и Резолуцијата на Европскиот Парламент од 2018 година и барањето на месното
население во Жировница“, велат од Фронт 21/42