Густите облаци на јаглероден моноксидот во велешкиот воздух и смрдеата на изгорен гареж кои четврти ден, во ноќните часови, излегуваат од дворот на фабриката за производство на масло за јадење „Благој Ѓорев“ се резултат на пожар кој изби во еден од фабричките силоси со складирани 400 тони пелети од сончогледови лушпи. Ова го покажал вонредниот инспекциски надзор на општинската инспекторка за заштита на животна средина. Таму денеска бил и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
– На лице место менаџментот на компанијата и вработените вршеа гасење на запалените пелети со вода и извлекување од силосот со колички и складирање на безбедна далечина поради ладење. Поради тоа во целата околина неколку дена се чувствува мирис на изгорен гареж, рече Коцевски.
Вонредниот инспекциски надзор потврдува дека пожарот во силосот избил, изминатиот петок, поради дефект на сонда која ја мери температурата во внатрешноста. Четири дена опожарените пелети горат преку тлеење. Во воздухот излегува јаглероден моноксид а смрдеата на изгорен гареж е од одлагањето на изгорените пелети во дворот на фабриката каде се ладат со полевање на вода. Додека не се извлечат преостанатите 100 тони пелети кои горат во силосот и не се депонираат надвор од фабричкиот двор, во велешкиот воздух ќе се чувствува чад и мирис на гараж.
Општинската инспекторка по екологија Билјана Шуркова Манаскова вели дека и покрај законската обврска, менаџментот на Маслодајна, навреме не ја информирал за пожарот додека увидот покажува сериозни пропусти во работата на инсталацијата која нема Б интегрирана еколошка дозвола.
– Материјалот може да развие таква реакција во силосот, познати се случаи кога може да дојде и до експлозија, бидејќи се ослободуваат гасови особено ако има довод на кислород, и да предизвика катастрофа. Упатувам порака до менаџментот на фабриката која има многу негативно искуство во минатото уште од денеска да започне со справување со несреќи, хаварии, планирање и превземање на сите заштитни мерки бидејќи во фабриката има складирано хексан, се прозведува масло за јадење кое што е лесно запалливо и затоа е потребно не две туку отворени четири очи за да не дојде до реакција, рече Шуркова Манаскова.
Општинската инспекторка најави дека за сериозните пропусти ќе превземе соодветни мерки и ќе поднесе известување до техничката инспекција, инспекторот на Дирекцијата за заштита и спасување, трудовиот инспектор и сите други надлежни инспекторати.
Инаку во велешката фабрика за масло „Благој Ѓорев“, во 1978 година, се случи експлозија во која загина еден инжинер додека десетици работници беа потешко повредени.