Пожарот што сам избувнал од пелети од сончогледови лушпи во еден од силосите на велешка Маслодајна во петокот, четвртти ден сеуште тлее. Надлежните од фабриката за пожарот ја известиле веднаш Територијалната противпожарна единица, а тие по службена должност СВР Велес, но не ја известиле Општина Велес, за што се должни да го сторат согласно законот за добиена дозвола за работа.
Општината и надлежниот општински инспекторат за животна средина за пожарот разбрале преку жестоките реакции на граѓаните на социјалните мрежи, кои се жалеле на загадениот воздух со чад и тешкиот мирис.
Градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција го потврди настанот и ги оправда жестоките реакции на граѓаните преку социјалните мрежи оценувајќи ги за оправдани.
-Загадувачот е фабриката за масло „Благој Ѓорев”, која спротивно на одредбите не ја извести општината дека во петокот настанал пожар од пелети од сончогледови лушпи во еден од силосите на фабриката. Реакциите на граѓаните преку социјалните мрежи за загадување на воздухот во градот се оправдани, потенцира Коцевски.
Тој најави дека Општината во рамките на нејзините законски надлежности ќе покрене се што треба против загадувачот.
-Ние сме револтирани, бидејќи Фабриката за масло согласно законот е должна и нас како Општина Велес да не извести за пожарот што настанал во петокот во 14,20 часот, за што ние требавме до бидеме известени најдоцна до 14,30. Тие ја известиле ТППЕ, кои по службена должност ги повикале СВР Велес од чија страна е направен увид, појасни Шуркова Манаскова.
Таа најави дека како Општина Велес против загадувачот – Фабриката за масло „Благој Ѓорев” ќе превземат мерки кои се во согласност со Законот.