По одржаната конференција на 17.09.2019 партиите:
Глас за Македонија, Единствена Македонија, Левица, МААК, Подем, Работничка земјоделска партија, ТМРО и ФРОДЕМ, од кои некои и сега имаат неколкукратно поголем рејтинг, од полно парламентарни кои се дел од двете големи коалиции, го објавуваат следното заедничко соопштение и испорачуваат шест принципиелни барања во врска со Изборниот законик и условите за “фер и демократски” избори:
- Бараме изборен модел со една изборна единица, без долен праг и отворени листи. Донтовиот модел може да биде заменет со Сант Лаговиот, кој дава мала предност на средните партии, за разлика од првиот кој исклучиво ги фаворизира големите. На овој начин ќе се овозможи да бидат претставени и повеќето од 100.000 граѓани кои во сегашниве услови, иако гласаат, не добиваат ниту еден свој пратеник. Тоа ќе отвори простор за вистинска парламентарна демократија и ќе ги отстрани непринципиелните предизборни коалиции кои во полно земји се укинати со закон.
- Бараме сумата од 4.7 милиони евра буџетски пари за финансирање на партиите, непримерена за мала и сиромашна земја, да се преполови. Сегашната легислатива го базира финансирањето во 100% на база на претходните изборни резултати. За какви фер услови тогаш станува збор? Во нова трка, се оди од иста стартна позиција. Самостојните, вон парламентарни партии бараат да, одредени финансии, (за скромно одржување и функционирање), бидат распределувани и за нив. Бараме, наместо како досега 70% /30% (првите според бројот на освоени мандати, а вториот процент за партии кои го минале прагот од 1% на изминатите избори), распределбата да биде следна: 40% за освоените мандати, 30% да остане за оние кои го минале прагот од 1% и 30% за вон парламентарните партии. Сумата од 280.000 евра која годишно им се исплаќа само на големите парламентарни партии за аналитички центри, да се распределува на сите кои имаат такви центри во статутите.
- Иако во Изборниот законик се зборува за “избалансирано медиумско покривање”сите членови подолу во Законот го демантираат овој став. Бараме сосема еднаков пристап до Јавниот сервис, но и до телевизиите со национална концесија. Вторите обавуваат општествена дејност која подлежи на истите закони за медиуми. Оној срамен однос 40/40/10/10, да биде заменет со 30/30/20/20. Бараме и ограничување на бројот и минутажата на платеното рекламирање. Бараме повеќе дебати, со избалансирано учество на сите партии и вкрстување на аргументите на парламентарните со вон парламентарните партии.
- Бараме скромни кампањи, без непотребни билборди, свирки и журки со естрадни ѕвезди, пренесување на граѓаните со платени автобуси од град во
град. Бараме да се покаже одговорност кон парите на граѓаните. Кампањите, по примерот на развиените, а богати земји, да се базираат повеќе на дебати каде граѓаните ќе бидат изложени на вкрстени аргументи, а не на гламурозна пропаганда платена од нивниот џеб.
- За да се избегнат изборните измами, бараме биометриско идентификување на гласачот, перфорирано изборно ливче и бар код читач на ливчињата, со што би се избегнал таканаречениот бугарски воз. Бараме копија од записниците да добие секоја партија, а во кутиите да може да се изврши увид во одреден временски рок по изборите. Исто така бараме, нашите набљудувачи да бидат покриени со буџетски средства, како што се оние од администрацијата и од големите партии. Тие имаат исти трошоци. Бараме и зголемување на казните за извршена и докажана изборна измама, како и исклучување на партијата која мамела, од изборната трка.
- Бараме нашите иселеници да гласаат електронски.
Дел од овие забелешки се дадени и од OBSE/ODIHR, но едноставно не се почитуваат. Бараме промени во насока на вистинска демократизација на општеството, бараме да не бидеме вечно заробени во двопартизам кој е извор на сиромаштија, корупција и чист клиентелизам.
Глас за Македонија