На три ловишта во беровско, ќе се спроведе акција за лов на дива свиња. Владо Клинчарски од ЈП „Македонски шуми” – подружница Малешево, информираше дека акцијата е дел од превентивните мерки за заштита од болеста Африканска чума.
– Се известуваат сите заинтересирани ловџии од територијата на Малешевијата дека се дозволува ловење дива свиња, поради превентивна мерка за заштита од појавата на Африканска чума. Ловењето е дозволено во три ловишта и тоа Ратевска река, Џами Тепе и Палазлија. Ловењето ќе се одвива во сабота и недела, како и за време на државни празници, соопшти Клинчарски.
Додаде дека, дозволите за оваа активност ќе се издаваат од 7 до 11 часот во просториите на подружницата.
-Вадењето дневна дозвола чини 100 денари, а ловџиите ќе можат да се пријават само со приложување копија од лична карта, копија од поседување и носење на оружје и копија од положен ловечки испит, дополни Клинчарски.
Групата треба да биде составена од 5-10 ловџии, а пријавувањето, како што додадоа од беровската подружница на ЈП ,,Македонски шуми”, треба да биде 48 часа пред денот на ловот, во кој учество на кучиња не е дозволено.