Подобро е да не носиме закон отколку да донесеме лош закон, а уште пострашно, полош од сегашниот – вели во интервју за Канал 77, министерката за правда Рената Дескоска, одговарајќи на прашањето дали е можно да добиеме датум за преговори, без Законот за Јавно обвинителство да биде донесен.
„На нас ЕУ не ни дава обврска само да носиме закони, туку го цени и нивниот квалитет. Поминавме тежок процес на усогласување на законите од областа на судството. До точка, до запирка се гледаа законите од областа на судството и тоа беше дебатирано со експерти од Советот на ЕУ, од Венецијанската комисија“, вели Дескоска според која идеално би било Законот да се донесе. Сепак, таа смета дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со чија работна група власта преговара за Законот за ЈО, создава отпор во донесувањето решение со кое домашното законодавство би се приближило до еворпското.
„Овој процес на носење на Законот за Јавно обвинителство го темелиме на стратегијата којашто е усвоена од Владата, но и одобрена од ЕК во Брисел, во која имаме обврска да обезбедиме посебен орган во рамките на Јавното обвинителство, којшто ќе гони висока корупција и ќе овозможи продолжување на случаите на Специјалното јавно обвинителство. Практично, СЈО да се трансформира во траен орган во нашиот систем. За жал таква согласност немавме и ние бевме соочени во изминатиот период со два предизвика – едниот да ја усвоиме Стратегијата онака како што е напишана и усвоена и да обезбедиме континуитет на случаите на СЈО. Дојдовме до ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да се спомене С од СЈО во Законот. Бевме принудени да извадиме верзија што ќе се доближи до нивните барања со цел да постигнеме консензус и кога ја направивме таа верзија што имплементираше добар дел од нивните барања, сега тие одговорија со реферирање. Во преговорите, преговарачката страна нема добра волја, ако вие се доближувате до нејзината позиција, а тие бегаат два чекора и истакнуваат нови барања“, вели Дескоска која смета дека опозицијата играла игра во преговорите:
„Тоа беше една игра која ВМРО-ДПМНЕ ја правеше со цел да дојде 15 септември очекувајќи дека специјалната јавна обвинителка ќе го изгуби мандатот и СЈО ќе биде замрзнато и со него и случаите и дека тоа ќе трае една година“.
„Тие предлагаа да нема СЈО, да се стави во еден орган СЈО и Организиран криминал. Нивно клучно барање беше да има одредба со која сите постапки почнати по осумнаесетте месеци ќе запрат и сите докази ќе бидат „фрлени во вода“, а останатите да бидат теансферирани. Нашиот став беше дека ние треба да го решиме клучното прашање, а тоа беа постапките кои се водат. Кога ќе се решеше тоа прашање, рековме дека може да дојдат експерти од каде било, но важно беше да имаме добар закон за да го пратиме. Ако немаме закон за кој сме се согласиле, што би пратиле до Венецијанска комисија“, додава Дескоска во интервјуто.
Целосниот разговор со министерката за правда ќе биде објавен во утрешното издание на политичко контактната емисија Стадион.