Дескоска со писмо до Жбогар одговори на обвинувањата од опозицијата за Академијата за судии и јавни обвинители – ММС
ММС

Објавено на: 09/20/19 2:33 PM

Дескоска со писмо до Жбогар одговори на обвинувањата од опозицијата за Академијата за судии и јавни обвинители

Сосема нејасна е констатацијата на опозицијата за некаква измена во однос на начинот на формирање на оценката за прием на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители, која и во досегашното и во предложеното решение е аритметички збир од постигнатите резултати на сите испити со единствена измена што долниот праг на проодност е подигнат, а заради препораките на оценската мисија да се подигне нивото на  квалитет на кандидатите во академијата. Ова министерката за правда, Рената Дескоска го наведува  во писмото што го испрати до евроамбасадорот Самуел Жбогар, откако до него писмо испрати и опозицијата критикувајќи го Предлог законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Во писмото од неколкуте пратениците од ВМРО – ДПМНЕ е наведено дека се напушта мерит – системот во Академијата, дека системот е заменет со субјективизам и дискреција при одлучувањето за прием на слушателите во Академијата заради тоа што законот не предвидува рангирање на кандидатите според постигнатиот успех во образованието. По однос на ова тврдење, министерката Дескоска потсети на извештајот на Оценската мисија на ТАИЕКС во кој се препорачува, а Министерството за правда се согласило, дека е потребно просекот од студиите да биде тргнат како критериум за влез во Академијата. Причината е бројноста на правните факултети во државата, невоедначена студиска програма и високата и нереална проодност на некои факултети.

„Со други зборови просекот нема иста тежина и значење на различни универзитети и истиот не треба да е елиминационен, туку да се даде можност преку унифицирано тестирање да се измери знаењето на сите кандидати”, стои во писмото упатено од Дескоска.

Министерката Дескоска одговори и на втората упатена критика на неколкумината пратеници кои критикуваат дека наместо познавањето на странски јазик да се потврдува со меѓународно признат сертификат, сега се врши електронско тестирање на кандидатите.

Дескоска потсети на скандалот од времето на ВМРО – ДПМНЕ, поточно распишаниот конкурс од 30.08.2016 година, кога при конкурс за прием на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители беа откриени фалсификувани дипломи за познавање на странски јазик, при што конкурсот беше поништен на 17 декември 2017 година, а против 41 лице јавното обвинителство поведе постапка.

Третата критика на групата пратеници од ВМРО – ДПМНЕ е  во однос на составот на Комисијата за приемен испит каде е номинирано лице од страна на министерот за правда.

„Во однос на оваа критика, сакам да потсетам дека решението за составот на Комисијата за приемен испит не е променето, односно членот од Министерството за правда постои во постојниот Закон за Академија за судии и јавни обвинител што лесно може да се провери со увид во членот 67 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители:

“(3) Управниот одбор ја избира и конституира Комисијата од ставот (1) на овој член во состав: четири члена и нивни заменици по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, два члена и нивни заменици по предлог на Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители, еден член и негов заменик од Здружението на судии на Република Македонија, еден член и негов заменик од Здружението на јавните обвинители на Република Македонија, еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда и еден член и негов заменик и стручно лице – психолог”. (Службен весник на РМ, бр. 20 од 12.02.2015 година).

Причина зошто ова решение не е променето во Законот, е предвидената надлежност на Министерството за правда да врши надзор на примена на одредбите од законот.

Последно, што се однесува до полагањето на квалификацискиот тест, неколкумината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ пишуваат дека Комисијата за приемен испит ја одредува оценката со дури 70% од вкупната оценка на кандидатот, а дека според сегашното законско решение учествува со 10% од вкупната оценка на кандидатот, што не претставува точно тврдење.