Со овластување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинителката Ленче Ристоска ќе го застапува предметот на СЈО „Талир 2“ пред Кривичен суд.
Судење за „Талир 2“ е закажано за утре. Претходното судско рочиште за овој предмет не беше одржано поради отсуство на адвокатите на обвинетите.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.
МИА