Отворена истрага за набавката на радарски систем и вмешаноста на Рашковски – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/19 11:06 AM

Отворена истрага за набавката на радарски систем и вмешаноста на Рашковски

Обвинителствотo отвори истрага по допрен глас за случајот за набавка на радарски систем за М-НАВ, што низ снимки беше изнесен во јавноста од страна на некои медиуми, каде се посочи на вмешаност на Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

-По реакциите во јавноста во кои обвинителството се повикува да го расветли случајот со спорниот тендер за набавка на радарски систем, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудио-снимка е отворен предмет по допрен глас. Во меѓувреме кон овој предмет е споена и кривичната пријава поднесена од страна на политичка партија, соопшти Обвинителството.

Од таму информират дека во август надлежниот јавен обвинител што постапува по предметот до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за прибирање на севкупната документација за предметот. Воедно е наредена и темелна анализа на документацијата, по што обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.