МД „Илинден”-Тирана ја поддржува Резолуцијата усвоена на Конгресот на МАЕИ – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/19 7:51 AM

МД „Илинден”-Тирана ја поддржува Резолуцијата усвоена на Конгресот на МАЕИ

Македонско друштво „Илинден” од Тирана, ја поддржува Резолуцијата за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија, усвоена на третиот конгрес на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграцја (МАЕИ), одржан на 7 септември во Тирана.

-Делегатите на третиот Конгрес на МАЕИ, со изгласувањето на Резолуцијата за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија останаа доследни на барањата за почитување на правата на Македонците во Република Албанија,за што во континуитет се залага и друштвото „Илинден”, стои во соопштенето на друштвото.

Во исто време, се бара МАЕИ целосно да се ангажира точките од Резолуцијата да се реализираат и ги повикува Македонците во Албанија „да ја поддржат Македонска алијанса за европска интеграција како единствен пат за остварување на правата на Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и во цела Република Албанија”.

-Овој значаен документ, содржи 27 точки во кои се наведени барања за остварување на легитимните права на Македонците а што секако ќе ги оствариме само со тесна соработка меѓу сите нас Македонците во Република Албанија и нашите здруженија, се посочува во соопштението.

При тоа се наведуват дел од барањата,кои се содржани во документот, како што е  правичната застапеност во органите на државната власт и другите јавни институции, да има загарантирани места во Собранието на Република Албанија за сите малцинства, Собранието на Република Албанија да донесе нова територијална реформа со цел да се оформат две посебни општини Гора и Голо Брдо,во единиците на локалната самоуправа каде што најмалку 10 отсто од граѓаните се Македонци, службен да биде и македонскиот јазик, образование на сите нивоа на македонски јазик,како и други барања  за остварување на легитимните права на Македониците.

МИА