Црвенковски и Иванов со спорни договори за закуп на канцеларии – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/19 8:46 PM

Црвенковски и Иванов со спорни договори за закуп на канцеларии

На денешната седница на Државната комисија за спречување на корупција беше одлучувано по предмет отворен по сопствена иницијатива во врска со правата и привилегиите кои ги уживаат поранешни претседатели на државата, соопшти Антикорупциска.

– Потенцираме дека денешните одлуки во врска со овој предмет се однесуваат на сите поранешни претседатели и барањето за раскинување на договорите за закуп се однесува на двајцата поранешни претседатели – велат од Комисијата.

За потребите на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, државата има договор со компанијата Импексел 2 од Дебреше на сопственикот Неим Хусеини, за што од државниот буџет месечно за канцеларијата на Црвенковски плаќа по околу 3 илјади евра кирија. Со проста математика, за овие десет години за Црвенковски, е платено 360 илјади евра за кирија, пари со кои државата  можела да купи околу 140 квадратни метри деловен простор, односно да ја купи истата канцеларија.

Иванов пак, својата канцеларија ја смести во „Џеваир Скај Сити“ во населбата Аеродром.  Синот на сопственикот на зградата е во комска врска со Иванов. Поранешниот македонски претседател му е венчален кум на Есер Џеваир, син на сопственикот на „Џеваир Скај Сити“.

Месечниот закуп ќе чини 1.950 евра месечно, односно 23.400 евра годишно. Просториите кои ги користи Иванов се простираат на 274 метри квадратни.