Забрзување на процедурите за воведување заеднички гранични контроли со едно застанување на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане беше главна тема на работниот состанок, кој денеска во Тирана го оствари министерот за економија Крешник Бектеши и албанските министри за економија и финании и за внатрешни работи, Анила Денај и Сандер Лешај.
Владата на Република Северна Македонија во септември 2018 година донесе одлука за почнување постапка за воведување на заеднички гранични контроли со Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане, со што ќе се овозможи забрзување на протокот на патници, стока и превозни средства меѓу двете земји.
На почетокот на 2019 година оваа иницијатива беше прифатена од страна на Република Албанија, при што од албанската страна беше доставен и нацрт- текст на Спогодба за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане.
-Ние како Влада имаме интерес за воведување на заедничко гранично управување со едно застанување „One Stop Shop” со Република Албанија што е и наша заложба согласно Берлинскиот процес. На средбата со министерката за економија и финансии на Република Албанија, Анила Денај и министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Сандер Лешај утврдивме, во најкраток можен рок да се формираат мешовити работни групи од надлежните институции од двете држави кои ќе работат на техничките предуслови за воведување на заедничко гранично управување на патниот граничен премин Ќафасан- Кафатане.
-Албанската страна веќе достави нацрт- верзија на Спогодба за заедничко гранично управување, чијшто текст е прифатлив за нас и е појдовна основа за преговори за негово склучување. Во наредниот период ќе работиме на создавање на предуслови на терен за функционирање на овој концепт, по што ќе следи усогласување на Спогодбата по спроведување на законските постапки на двете држави. Очекуваме техничките предуслови од двете страни да бидат завршени до крајот на годината информираше министерот Бектеши по состанокот со двајцата министри.
Министерката за финансии и економија на Република Албанија, Денај потенцираше дека Република Северна Македонија е пример во регионот кога станува збор за спроведување на економски реформи за олеснување на трговијата и подобрување на бизнис климата.
За забрзување на процедурите за отварање на “One Stop Shop” на граничниот премин Ќафасан министерката порача дека треба да се искористат позитивните искуства кои Албанија ги има со Косово и Северна Македонија со Србија.
Министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Лешај ја поздрави заложбата на македонската Влада за воведување на заеднички гранични контроли со Република Албанија, потенцирајќи дека тоа е и еден од нивните приоритетни проекти со главна цел забрзување на трговијата и транзитот на патници меѓу двете земји, а со тоа и на целиот регион. Министерот Лешај ја потенцираше потребата за итно отварање на “One Stop Shop” на граничниот премин Ќафасан-Кафатане, почнувајќи најпрво во делот на патничките контроли, за што според министерот нема никакви технички и процедурални пречки.
Со воведување на „One Stop Shop” ќе се намали времето на чекање на превозниците, со што ќе се намалат трошоците на економските оператори, ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни срредства меѓу двете земји. Со воведување на заеднички гранични контроли ќе се намали можноста за царински измами, а ќе се заштедат и ресурси потребни за реализација на концептот.