Мозаик од активности за позитивни промени создаде невладиниот сектор во центарот на Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/19 6:20 PM

Мозаик од активности за позитивни промени создаде невладиниот сектор во центарот на Скопје

Посилни и поинфрмирани граѓани значат посилни институции, почитување на законите, правата и обврските, засилена демократизација. Посилниот граѓанин значи негово вклучување во донесувањето на одлуките и на тој начин развојните политики ќе ги следат реалните потреби, оние кои произлегле од самиот граѓанин – ова денеска од плоштадот Скендербег во Скопје го порача уредничката на уличното списание „Лице в лице“, Климентина Илијевски.

Под мотото „Јас ја движам промената, читам Лице в лице“, единственото улично списание кај нас, денес го одбележа седмиот роденден. Кон роденденската честитка се приклучија многу граѓани кои ги облекоа униформите на уличните продавачи и на своите сограѓани им го продаваа најновиот број, кој е посветен на глобалните цели за држлив развој, односно на заштитата на животната средина. На оваа тема во своето обраќање, се задржа и Илијевски истакнувајќи дека денес граѓанинот е сведок на голем број нееднаквости:

„Граѓанинот е сведок на идеологијата во која влијателни групи делуваат од позицијата на максималниот јаз, од позицијата на намерата да ги заштитат агендите и интересите кои одат во корист на малкумина. Како резултат на слепото следење на задачата за бесконечен економски раст при граничени ресурси што земјата може да ги создаде, ни се случија тектонски поместувања кои се одразија на односите меѓу луѓето, но и на односот на човекот кон самиот себе. Со губењето на довербата кон донесувачите на одлуки на човекот му останува да се загледа во себе, да ја препознае својата улога во општеството и да почне да делува од улoгата на граѓанин онака како што треба да делува граѓанин“.

Одбележувањето на седумгодишното постоење на ова списание кое има за цел да создаде позитивни промени во општеството, денеска се совпадна со активностите кои ги организираа низа граѓански организации на плоштадот Скендербег, но и во паркот Ибни Пајко. Граѓаните на неформален и интерактивен начин се запознаа со нивните проекти, во рамките на Отворениот ден на граѓански органзации, кој го организираше програмата на Швајцарската амбасада, Цивика Мобилитас.

Вистински мозаик создадоа осумдесетте организации кои денес открија нешто повеќе околу својата работа со која во македонското општество придонесуваат за владеење на правото, подобри економски политики, афирмација на младинската улога, заштита на животната средина и така натаму. На настанот, кој симболично се одржа во старата чаршија која го отсликува мултиетничкиот карактер на општеството, се обрати швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада.

„Да се биде заедно во старата чаршија претставува голема можност за сите нас да се сретнеме и да го славиме зајакнувањето на улогата на граѓанските организации.Старата чаршија е место познато  по својата отвореност, каде различни традиции и култури се среќаваат секој ден и коегзистираат со векови и се надевам дека овој настан денес ќе одбележи почеток на многу пријателства и соработки меѓу различни граѓански организации и нивните конституенти. Вашето присуство во толку голем број е знак дека граѓаните се’ повеќе сфаќаат дека  граѓанските организации се местото каде нивниот глас ќе биде слушнат во постојаната битка за нивните права.  Сe надевам дека граѓанските  оргнизации ќе ја оправдаат довербата на воите конституенти кои претставуваат основа за нивниот легитимитет“, изјави амбасадорката.

Ова е втор пат Цивика мобилитас да организира Ден на граѓанските организации, откако лани настанот се одржување во Градскиот парк.

Цивика мобилитас како програма за поддршка на граѓанското општество, во земјава е присутна безмалку една деценција. Третата фаза  започна да се спроведува од 1 јануари 2019 година и ќе трае до 31 декември 2022 година.

Визијата на програмата е општествените промени во Северна Македонија да бидат поттикнати од силен граѓански сектор, активни граѓани и добра соработка со властите, што би резултирало со потранспарентно, поотчетно и социјално-инклузивно управување како на централно, така и на локално ниво.