Пожарите во прилепско локализирани и се држат под контрола – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/19 2:29 PM

Пожарите во прилепско локализирани и се држат под контрола

Пожарите во прилепско се локализирани, некои изгаснати, но жариштата мора да се држат под контрола зашто постои опасност да се активираат – изјави Виктор Стојчески, командир на прилепската противпожарна единица веднаш по последниот состанок на прилепскиот Кризен штаб што од синоќа координирано ја следи ситуацијата. Вчерашните пожари избувнале еден по друг во околу два часа.

„Има активен пожар кај селото Рилево, но е под контрола. Имаме противпожарни екипи и помош од јавните претпријатија. Во текот на денот сите пожари ќе бидат изгаснати но мора да бидат под контрола“, изјави Стојчески.

Вчера имало пет шумски пожари, што се случиле во период од два часа.

„Најголем проблем беше регионалниот пат Прилеп-Градско каде мораше да биде запрен сообраќајот поради доброто на граѓаните. Другите пожари во прилепско моментално се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола поради силниот ветар и сувата трева и може да се случи пожарот повторно да се активира. Сите пожари се на голема територија, на 300 до 400 хектари, теренот најчесто е непрооден и нискостеблестата шума со шипови и го отежнува гаснењето. За гаснењето на пожарите беа ангажирани преку 100 пожарникари и над 20 возила“, изјави Стојчески.

Тој не може да каже дали пожарите организирано се палат, но сепак најголемата причина, воопшто, при огнените стихии е човечкиот фактор.