Специјалното јавно обвинителство заминува во историјата, што остави зад себе и што по него – беше темата на денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“. Гостин во студиото беше новинарот Љубиша Станковиќ, а телефонски во емисијата учествуваа и судијката Маргарита Цаца Николовска и професорот Денко Малески.
Љубиша Станковиќ рече дека уште од формирањето на СЈО, се работело на негово систематско уништување и оти не се согласува со некои мислења дека тоа го сторил сам Орце Камчев.
– Се јавуваат теории дека СЈО работело незаконски, па дошол Камчев и го растурил. Не верувам дека тој има толкав капацитет. Тоа беше систематско уништување на нешто што требаше да биде олицетворение на право и правдина. Но, некои не се согласуваа со тоа. Најголемата опозициска партија бара смена и комплетно разрешување на Катица Јанева и непостоење на СЈО. А сите како да забораваме дека комплетното поранешно, па и дел од сегашното раководство на таа партија, се осомничени и обвинети од истото тоа СЈО. Што значи дека таму имало криминал, имало корупција на тони – смета Станковиќ.
За судијката Маргарита Цаца Николовска во моментот е најважно да се најде решение постапувањето по предметите нормално да продолжи, без разлика на формата на телото што ќе ги води.
– Организациската поставеност е една работа. Друга работа е поставеноста на ефективното работење и ефективното извршување на обврските. Како на обвинителите, така и на судиите, така и на адвокатите, така и на она што значи држава. Полититичките партии не се сами за себе. Тие се за да ја обезбедат демократијата и да обезбедат функционирање на држвата со сите институции и атрибути што треба да ги има една држава. Како и да е, дали ќе се согласат или нема да се согласат – мора да се овозможи решение за да се продолжи со постапувањето по предетите – истакна Николовска.
Професорот Денко Малески рече дека партиите со државата си играат како со фудбалска топка – си ја додаваат една партија на друга и со неа прават она што знаат да го прават, како да е заробена, неместо да се овозможи моќта на сите нивоа да се контролира.
– Наместо да работиме на еден систем во кој ќе има демократска контрола, во кој и опозицијата ќе ја контролира власта, кај нас тоа не може да се случи, бидејќи опозицијата имаше за нешто да одговара пред да се квалификува да биде контролор. А, за жал, кога политичкиот систем ќе се заплетка во своите конци, тешко се излегува од таа состојба. Но, некаков нов почеток на Македонија и’ е потребен, иако ќе биде многу тешко да се направи неопходната трансформација. Сега, две и пол години по дааѓањето на власт, ако СДСМ не се посвети на градење на демократијата и на механизмите за контрола на власта, ситуацијата ќе ги однесе во насока во која беа однесени претходните политичари, а како веќе да се оди во таа насока – рече Малески.