Филипче најавува обезбедување во болниците, за дел од лекарите тоа е губење пари – тие бараат законски измени – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/19 4:50 PM

Филипче најавува обезбедување во болниците, за дел од лекарите тоа е губење пари – тие бараат законски измени

Професионално обезбедување ќе се грижи за безбедноста на медицинскиот персонал во дел од болниците, околу кои засилено ќе патролираат полициски екипи. За ова денеска информираше министерот за здравство, Венко Филипче кој имаше состанок со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, претседателката на Лекарската комора Калина Старделова, претставници од Комората на медициските сестри, но и на Здружението на млади лекари и специјализанти.

„Решивме дека ќе направиме постапка за набавка на професионално обезбедување. Тоа е нешто за кое сметам дека сериозно ќе ги зајакне капацитетите, дека е најпрактично дека ќе биде најефикасно и дека ќе излеземе во пресрет на апсолутно сите критични места каде ова може се случи. Ова се напади кои немаат никаква логика. И порано имаше слични ваква напади, еден абдоминален хирург беше застрелан. За ова се предвидени затворски казни. МВР потврди дека ќе направи засилени напори за спроведување на тоа“, изјави денеска Филипче, кој најави обезбедување во најкритичните болници, а како такви се детектирани старата градска болница „Свети Наум Охридски“,  Ургентниот центар, Клиниките за кардиологија, за токсикологија и за психијатрија.

Состанокот на претставниците на медицинската фела следува по вчерашниот напад на медицинскиот персонал во Болницата „Свети Наум Охридски“, од страна на придружба на пациент кој имал повреда на раката.  На денешната средба не биле повикани претставници од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, ниту пак од Здружението на лекари Албанци. Тие се едногласни дека најавите за обезбедување ќе претставуваат само губење пари.

„Наместо да се покачат платите на вработените и медицинскиот персонал ќе се изгубат дел од средствата за безбедност, која не може да се гарантира. Може да се донесе Законот за лекарска дејност и нема да има потреба никој да ги чува. Нека има силен закон, па нека одговараат лицата кои ќе дигнат рака на медицинскиот персонал. Освен законски мерки, треба да има и подобри плати“, вели во изјава за Канал 77, претседателот на Здружението на лекари Албанци, Невзат Елези.

На ист став е и Божидар Кочоски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти:

„Се согласуваме дека е губење пари, затоа што во болниците и онака има обезбедување. Тоа е само игра на зборови. Нам ни е потребно системско решение, обезбедувањето не го решава проблемот“.

Освен во Болницата „Свети Наум Охридски“, напад на медицински персонал изминатава недела имаше и во Тетово, во Кавадарци и во Драчево. Поради зачестените напади, Асоцијацијата в среда организира протест. Своето присуство го потврдиле и членовите на Здружението на медицински сестри и акушерки. Протестот почнува во 11 часот на хелиодромот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а здравствените работници преку социјалните мрежи го повикаа и министерот Филипче да им се придружи.

 

Вања Мицевска