Српското Министерство за правда нема информации за приведувањето на Палевски – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/19 1:33 PM

Српското Министерство за правда нема информации за приведувањето на Палевски

Српското Министерство за правда нема информации за приведувањето на бизнисменот Љупчо Палевски – Палчо за кого македонските медиуми објавија дека  вчера бил приведен од полицијата во Белград во моментот кога сакал да се качи на авион за Москва.

– Министерството за правда на Република Србија нема сознанија за приведување на вакво лице, се наведува во кусото соопштение.

Од српското Министерство за правда упатуваат на Министерството за внатрешни работи, но оттаму засега нема информации.

Медиумите објавија дека Палевски е приведен од српската полиција по потерница распишана од  Република Хрватска и оти во моментов е во екстрадиционен притвор.

Неговиот адвокат Васко Стојков, за „360 степени” изјавил дека во моментот на приведувањето, Палевски се подготвувал да отпатува за Москва, каде според него, требало да склучи бизнис зделка. Палевски своевремено живеел и работел во Хрватска и оти хрватските власти го бараат за долг на негова фирма од 2,5 илјади евра. Според адвокатот, Палевски никогаш не примил покана на адресата во Македонија за да се појави пред хрватските правосудни органи.