Да не се одолговлекува истрагата за „Рекет“ или ќе објавиме нови документи, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/19 7:01 PM

Да не се одолговлекува истрагата за „Рекет“ или ќе објавиме нови документи, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера обелодени дека од свиркачи, односно од укажувачи добил искази кои се дадени пред обвинителката Вилма  Русковска во рамките на истрагата за „Рекет“, генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев денеска најави дека е можно да објави нови документи. Јанушев  обвинува дека премиерот Заев не сака независно истрага и како што вели, ако продолжи да го одолговлекува случајот за да нема разврска, опозициската партија ќе објави документи кои ги има Јавното обвинителство:

„ВМРО-ДПМНЕ будно го следи случајот и целата негова разврска. Доколку власта продолжи да го одолговлекува случајот и се обиде на било каков начин да влијае на истрагата, ќе ги објавиме документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги има исто така и ЈО. Порачуваме никој да не се осмелува да си игра со правдата, зошто одговорност за ова незаконие ќе има, и секој индивидуално ќе се соочи со санкциите.Од владеачката СДСМ обвинуваат дека поседувањето на вакви документи е кривично дело“.

Новинарите денеска го прашаа Јанушев како ги коментира таквите реакции, па тој се повика на Законот за укажувачи.

„Овие документи се доставени од свиркачи. Ние и имаме регулатива за тоа. Од друга страна оние што ги доставиле увиделе дека станува збор за прикривање, станува збор за водење на постапка на незаконит начин. И исто како и нас борејќи се за правда и правичност, за доследна примена на законите ги доставиле затоа што веруваат дека нема да оставиме така да се заврши. Меѓутоа еве ги повикувам доколку навистина сметаат дека станува збор за кривично дело нека дојдат тука, знаат каде живееме, нека не уапсат“, изјави Јанушев.

И покрај законската регулатива, за Јавното обвинителство е спорно тоа што Мицкоски добил документи поврзани со случајот „Рекет“. Според Обвинителството, истрагата е нарушена, а изнесувањето материјали кои се дел од истрагата која е во тек би можело да донесе и кривична одговорност.

Согласно закон повикување на „свиркач“ се однесува само за кривични дела за кои нема постапки, во случајов се работи за предмет што е длабоко навлезен во истрагата од што се подразбира дека е нарушена тајноста на постапката, а со тоа е сторено кривично дело – велат од Обвинителството.