По избивањето на шпионскиот скандал во Бугарија, при што двајца руски државјани се протерани и добија десетгодишна забрана за влегување во државата, поранешниот бугарски висок функционер, Соломан Паси, во телевизиско интервју изјави дека само во руската амбасада во Софија има 68 руски шпиони.
-Дали има руски шпиони во Бугарија? Да, има. Само во руската амбасада во Софија има околу 68 шпиони. Надвор од амбасадата има неколку стотина и нивните имиња се знаат. Имавме извонредна можност по скандалот Скрипл да протераме еден – двајца од нив, но тоа не го направивме, оцени Паси.
Угледниот бугарски политичар оцени дека во моментов најголема опасност за Западот е руската пропаганда.
-Руската пропаганда е многу поефективна, многу поделотворна, поагресивна, од било кога. До 1989 година ние немавме советска пропаганда. Пропагандата си беше Made in Bulgaria. Во моментов тоа на што сме сведоци и жртви е руската пропаганда, која ги погодува умовите и срцата на младите луѓе, кажа Паси.
Тој им предложи на новинарите и јавноста да размислат и проверат од каде доаѓаат парите на политичките партии за политички кампањи за време на избори, сугерирајќи дека се троши многу повеќе отколку што имаат. При тоа Паси потсети дека одредени политички партии во бугарскиот парламент ги застапуваат интересите на Москва, што е недвојбено дека се платени со руски пари.