Физиотерапевтите апелираат да се донесе соодветно законско решение за регулација во нивната професија – ММС
ММС

Објавено на: 09/7/19 4:02 PM

Физиотерапевтите апелираат да се донесе соодветно законско решение за регулација во нивната професија

Физиотерапијата има важна улога во третманот на хроничната болка. Придобивките од неа се подобрување на флексибилноста и мобилноста на локомоторниот апарат, на кардиореспираторните перформанси, на расположението и генералната состојба, зголемување и одржување на мусулкаторниот тонус, зголемување на самодовербата за активно учество во физичката активност, помош при контрола на болка, преземање контрола врз сопствениот живот и редуцирање на сопствените стравови.

На овие придобивки е фокусирана кампањата, што се спроведува по повод одбележувањето на 8 септември, Светски ден на физиотерапевтите – изјави за Медиумската информативна агенција претседателот на Македонското физиотерапевтско здружение (МФЗ), Блаже Арсов.

Мотото на одбележувањето годинава е „Хроничната болка и улогата на физиотерапијата во комбинација со соодветна физичка активност во нејзиното менаџирање”.

Тој посочи дека физиотерапевтите во светот имаат можност да ја подигнат свеста за клучен придонес во професијата која ги одржува луѓето да бидат мобилни и независни. Најчести заболувања што предизвикуваат хронична болка се ревматоидниот артрит, остеоартритис, болките во вратот и половината, главоболката, карциномот и фибромијалгијата.

„МФЗ повторно ќе испрати апел до здравствените власти за донесување соодветно законско решение за самостојна физиотерапевтска пракса со што ќе се решат проблемите на физиотерапевтите во државава со цел нивно реализирање во матичната држава по примерот на европските држави“, рече Арсов.

Потенцира дека во државава има четири универзитети на кои се спроведуваат студии за физиотерапија и секоја година завршуваат во просек околу сто дипломирани физиотерапевти:

„Имајќи предвид дека не постои можност за реализација, колегите се принудени како готов кадар да ја напуштат државата и својата кариера да ја градат во земјите од ЕУ, Америка, а во последно време и во Австралија“.