„Им плукнавме в лице на 137 земји што го уважуваа уставното име на нашата земја“, рече во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“ дипломатот Душан Бојчев, кој по дипломатската кариера, работел во кабинетот на Стојан Андов, а, по обидот за атентат на Киро Глигоров, бил и советник за надворешна политика на претседателот Глигоров.
– Глигоров никогаш не прифати дека се водат преговори со Грција. Впрочем, во резолуциите на Обединетите нации е направена јасна разлика – не постои спор за името, туку разлика. Исто така, во сите резолуции на ОН никаде не пишува преговори, туку разговори. Тоа е многу убаво срочено во резолуциите. Ако постои спор, треба треба да има компромис, ако постојат преговори, треба да има отстапки од двете страни. Во случајот, само Грција имаше спор. Според резолуциите на ОН, не и’ се забрануваше на Република Македонија да го користи своето уставно име ни во рамките на ОН. Не се забранваше ни’ трети земји да не’ признаваат под уставното име. До пред две години не’ признаа 137 земји. Времето работеше за нас – смета Бојчев.
Тој додаде дека со времето како ние самите да прифативме дека имаме спор, па се направиле некои грешки. Направивме капитална грешка уште во времето на владата на Љубчо Георгиевски, кога проблемот со името се претвори во внатрешен проблем што иницираше и внатрешни поделби, а грешка потоа беше и антикоманијата. Но, грешка е и врз основа на тоа да се направат такви отстапки – рече гостинот во студиото, Душан Бојчев.
Во „Стадион“ имаше и телефонски разговор со првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, кој истакна дека пред 28 години имало големо единство меѓу народот и на референдумот повеќе од 90 отсто од луѓето што излегле гласале „за“, а додаде и оти такво единство во земјата е потребно и денес. Беше прашан и во врска со дилемите на некои – дали сега славиме Ден на независноста на Република Македонија или на Република Северна Македонија.
– Нема тука никакви дилеми. Нужни амандмани на Уставот се донесени. Границите на државата се исти, не се менуваат. Бевме и Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија. Тоа не ја менува суштината, државата е истата – смета Андов.
Беше прашан и што мисли за аферата „Рекет“?
– Многу сум непријатно изненаден. Тоа покажува дека кај нас може да се случуваат фрапантно лоши и неприфатливи работи. Треба да се расчисти до крај со случајот. Инаку, такви работи ќе ни’ се повторуваат и ќе станат дел од системот – истакна Стојан Андов.
Во емисијата беше емитувано и интервју на Столе Наумов со пратеникот Алексадар Кирацовски, кој, во врска со „Рекет“, деновиве даде исказ во Обвинителството. Одговори и на прашањето за средбата кај битолската градоначалничка, на која присуствувале градоначалничката, Бојан Јовановски од Меѓународнит сојуз, Силјан Мицевски од компанијата „Пелистер“.
– Бев присутен на состанокот во Општината. Се разговараше во врска со можноста за изградба на дом за стари лица. Впечатокот ми беше дека луѓето од Сојузот се заинтересирани за успех на проектот. И јас, како пратеник, и градоначалничката Петровска рековме дека за се’ што е во рамките на законот и е добро за граѓаните вреди да се дискутира – рече Кирацовски.