Нема ништо спорно предметите од СЈО да ги добие Јавното обвинителство – смета Камбовски – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/19 12:56 PM

Нема ништо спорно предметите од СЈО да ги добие Јавното обвинителство – смета Камбовски

Предлог законот за ЈО и идниот статус на СЈО се темите и на денешните консултации во зградата на Министерството за правда, помеѓу републичкиот јавен обвинител Јовески, шефицата на Организиран криминал и корупција Русковска, обвинителката од СЈО Ристоска како и академик Владо Камбовски и професор Гордан Калајџиев.

Оваа средба следува, откако  Јанева даде полномошно со кое сите предмети од СЈО се префрлаат во Јавното обвинителство кое допрва треба да донесе одлука по однос на ова прашање. Според Камбовски, нема ништо спорно предметите да ги добие Јавното обвинителство, бидејќи се’ она што не е уредено со Законот за СЈО дополнително треба да се уреди со новото законско решение за Јавно обвинителство.

„Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО“, изјави денеска Камбовски.

Друга варијанта, според него, е  Специјалното јавно обвинителство да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да се избере нов специјален обвинител и СЈО да продолжи да ги води предметите.

Камбовски смета дека СЈО ја одиграло својата улога во еден транзициски период и отворило многу предмети, но сега со реформите во правосудниот систем, Јавното обвинителство се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција.

Според него, кога се формирало Специјалното јавно обвинителство, имало временски рок до кога законски може да функционира.

„Мандатот на СЈО можеше да се продолжи доколку наследникот на Јанева се избереше три месеци пред истекот на нејзиниот мандат. Но, тоа не се направи затоа што се планираше токму Јанева да го продолжи мандатот. Кога тоа не се случи, а Јанева е приведена, со истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, ќе се попречи работата на СЈО, затоа што според Законот за СЈО, само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО“, објаснува Камбовски.