Нови рочишта за „Таргет-Тврдина”, „Тарифа”, „Топлик” и „Триста” на СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/19 8:07 AM

Нови рочишта за „Таргет-Тврдина”, „Тарифа”, „Топлик” и „Триста” на СЈО

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Таргет-Тврдина”, „Тарифа”, „Топлик” и повторената постапка за „Триста” на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина” се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е Ленче Ристевска од СЈО.

На минатото рочиште беше сослушан сведок вработен во УБК.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Во судот денеска е закажано ново рочиште и за предметот „Топлик” во кој првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште. Покрај него, осомничени се уште пет лица.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и камата на правното лице „Сан сити”. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа”, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ” Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија” вреден околу четири милиони евра.

Според СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем”. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Во „Триста” обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

МИА