Стечајот во штипски „Бетон“ ги скрати и парите за Клиничката болница – Штип – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/19 5:33 PM

Стечајот во штипски „Бетон“ ги скрати и парите за Клиничката болница – Штип

Со ребалансот на државниот буџет, скратен е и проектираниот износ за изградбата на Клиничката болница од Штип, чија градба и онака доцни од редица причини. Премиерот Зоран Заев беше прашан да објасни зошто се скратија парите за болницата, чие завршување се очекува во ноември 2020 година.

-Кратењето од Клиничката болница е заради тоа што пропадна „Бетон“ – Штип така нешто, има некој стечај. Од министерот за здравство сум информиран дека таму имаме кратење во делот на кредитот, односно нереализирање на сопствените средства , заради тоа што самите изведувачи кои продолжија со самата болница доставија временска ситуација до толку и не е  чесно да држите дополнителни пари, кога знаете дека тоа нема да се случи .Сите пари ќе бидат проектирани 2020 година, за да Клиничката болница во Штип, Кочани нека другите капитални проекти продолжат, изјави премиерот Заев.

Штипјани со нетрпение ги очекуваа проекциите на прескроениот буџет со ребалансот. Беа најавени пари за почеток на активностите за изградба на брана на реката Отиња. Заев објасни дека за браната ќе има толку пари, колку што ќе може да се заврши до крајот на годината.

-Мислам дека таму имаме проектирано пет милиони денари, оти не очекуваме некој да почне да гради и веднаш да достави. Инаку проектот е осум милиони евра.  Веќе во 2020-та пола од парите влегуваат и следната 2021-ва втората половина од парите за да се изгради комплетно браната, која е двеипол годишен проект, одговори премиерот Зоран Заев.

Според најавите, браната ќе чини 7,9 милиони евра, за што пари ќе бидат обезбедени од државниот буџет.