Целосно компромитирана и девалвирана, ваква опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја оцени денеска истрагата за случајот Рекет, откако исказ во Јавното обвинителство даваше потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски која беше прогласена и за почесен претседател на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.
„На ден 22 јуни 2017-тата година Фросина Ременски, беше промовирана како почесен претседател на Меѓународниот сојуз. На истата таа промоција истата Фросина Ременски рече, цитирам: Јас ќе ја искористам максимално функцијата во лобирање и влијание итн. Прашањето на кое не одговори денес Фросина Ременски е следното: За што ја искористила својата функција Фросина Ременски изминативе две години како потпретседател на Собрание на Република Македонија и потпретседател на СДСМ, а во насока на влијание и лобирање за потребите на Меѓународен сојуз? За што влијаела и за што лобирала онаму каде што можела“, праша на прес конференција партискиот портпарол, Димче Арсовски, додавајќи дека во Меѓународниот сојуз има милиони, но нема ниту проекти ниту резултати.
Ременски по денешниот исказ кој го даваше во Обвинителството, во изјавата за медиумите посочи дека не е поврана со случајот Рекет. Таа тврди дека првоосомничениот Бојан Јовановски со кој како што вели другарувала и се фотографирала, не го посетила во затвор, а ниту побарала да го види.