Невладиниот сектор, но и Форумите на жени од политичките партии СДСМ и ДОМ денеска реагираа за вчерашниот статус кој портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски го објави на социјалната мрежа Фејсбук, а кој беше посветен на првата заедничка прес конференција на премиерот Заев и новата министерка за финансии, Нина Ангеловска. Стоилковски во објавата, ја нарекува Ангеловска, Нина Групировка. Таа тргна барем да одговори прашање; тој го презеде микрофонот! Сега е јасно дека со финансии министерува Заев, а Нина е Џирло Девојка- презентерка за владините Светлечки Јојоа и Стомак елиминатори.
Ова е комплетно киднапирање на институции – напиша Стоилковски, што денеска беше оценето како шовинизам од страна на Мрежата за заштита од дискриминација, која реагираше преку писмено соопштение. Објавата на портпаролот изобилува со пораки што претставуваат вознемирување врз основа на род, ширење мизогинија и сексизам и зацврстување на стереотипите за учеството на жените во политичкиот и јавниот живот – велат од Мрежата за заштита од дискриминација. Мажите политичари треба да бидат активни партнери, поддржувачи и промотори за вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот и за воспоставување на родова еднаквост во сите општествени сфери. Повторуваме дека местото на жената е секаде каде што таа сака да биде, политичката моќ им припаѓа на жените, исто како што грижата за семејството им припаѓа на мажите. Женското учество во јавниот живот е предуслов за развој, благосостојба и демократија. Од тие причини го повикуваме портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски да упати јавно извинување за својата шовинистичката, сексистичка и мизогина изјава – истакнуваат од невладиниот сектор.
Владиниот портпарол Мухамед Хоџа попладнево прашан за коментар во врска со ваквата изјава рече дека очекуваат опозицијата да се огради од истата. Форумот на жени на СДСМ реагираше дека изјавата на Стоилковски е во негативна конотација и е недозволива за кој било граѓанин, а осуда пристигна и од Форумот на жени при партијата ДОМ. Стоилковски пак, денеска изјави дека промовирањето сексизам не е дел од неговиот карактер. Според него, Заев ја злоупотребил новата министерка за ребалансот на буџетот.