Пожарот во општина Карбинци ноќеска ставен под контрола – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/19 8:13 AM

Пожарот во општина Карбинци ноќеска ставен под контрола

Ставен е под контрола  пожарот кој вчера избувна и се рашири на териториите на двете општини,Карбинци и Пробиштип.

Битката на пожарникарите и месното население траеше некаде до еден  часот по полноќ, не информираше утрово, градоначалникот на општина Карбинци , Јордан Насев.

Се уште имало жаришта каде што гори трева , но тие не претставувале опасност за повторно активирање на пожарот.

Според информациите од Насев, во гасењето на пожарот се вклучиле околу педесетина жители ,сите пожарникари и возила од штипската ТППЕ а на помош пристигнале и противпожарни екипи од Пробиштип, Кочани и Велес.

Противпожарните возила не можеле да пристапат кон теренот кој беше зафатен.Огнот се гасеше со рачни пумпи и метли.

,,Не беше дозволено пламените јазици да ги зафатат куќите во селата а спасени се и сточарските стопанства кои што можеа да настрадат со пожарот. Беше договорено утрово да се вклучат хеликоптери на АРМ , но со оглед на тоа што пожарот ноќеска беше ставен под контрола беа откажани,“вели Насев.

Инаку пожарот вчера попладне избувна во атарот над селото Долни Балван, помеѓу селата Горно и Долно Трогерци  за потоа се прошири и на територија на општина Пробиштип.

Огнените јазици и чадот можеа да се видат и од градот Штип.