Милка Милинковиќ (70), која живее во подгрмечкото место Грдановци на дваесетина километри од Сански Мост (Босна и Херцеговина) живее во страв од мечка која се симнува од блиските шуми и секој ден ја посетува.
„Секој ден го слушам кучето како лае без престан по мечката која доаѓа во бавчата покрај куќата. Крши гранки и бере јаболки. Кучето лае по неа, а таа не го ферма. Се заклучувам во куќата додека не замине“, вели Милка за „Независне“.
Првиот нејзин сосед живее неколку километри подалеку, а таа, откако и’ починал сопругот, 12 години е сама. Имала син што живее во Србија.
„Сум слушла и од други дека ги посетуваат мечки, но не верував. Сега се уверив. Сигурно е гладна, па се гости со моите јаболка“, раскажува Милка.
Завчера ја посети ловочуварот Изет Алагиќ. И’ донесе петарди за да ја плаши мечката.
„Оваа година не беше многу родна, Потфрлија овошјето и другите шумски плодови, па животните се гладни. Се спуштаат во вака ретко населени места. Таквите посети веројатно ќе бидат се’ почести“, вели Алагиќ.