Тринаесетгодишниот, Марко Пејчиновски не успеа во обидот да исплива 64 километри во знак на поддршка на лицата со ретки болести. По 4 часа и 49 минути и минати 11 километри тој поради болки во ногата беше принуден да се откаже од намерата да го преплива целото Охридско Езеро.
Желбата и волјата се крилја за големи дела.Нашиот Марко имаше силна желба и цврста волја да плива делница која е вистински предизвик за професионалните маратонци, а не за еден тринаесетгодишник. Сепак, поради силни болки во ногата беше приморан да го прекине соло маратонот во должина од 64 километри кој го посвети на лицата со ретки болести – објавено е на неговиoт фејсбук профил.
Во меѓувреме, денеска напладне на пристаништето во Охрид ќе биде поставен пулт каде што ќе се продаваат маички, а парите од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Два часа подоцна, таму ќе пристигне и Марко за да се вклучи во хуманитарната акција и да ги поздрави присутните.
Минатата година Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да направи таков подвиг. Неговиот подвиг е дотолку поголем што Марко има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.