Студијата за оцена на влијание врз животната средина за изградба на насипна брана со придружни објекти на река Отиња беше денеска презентирана пред заинтереснираните граѓани на Штип. Оваа Студија, градоначалникот Благој Бочварски ја оцени како чекор поблиску до комплетирање на техничката документација, со која е потребно да се добие градежната дозвола. Во тек е ревизијата на Деталниот урбанистички план, по што треба да се добие и согласност од Министерството за транспорт и врски.
– По оваа јавна расправа за Студијата за оцена на влијанието врз животната средина да добиеме и согласност од Министерството за животна средина и тоа ќе биде уште еден документ, којшто ќе биде составен дел на основниот проект, што потоа ќе биде предаден во Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење на овој многу важен и значаен проект за Штип и штипјани, а тоа е браната на река Отиња, изјави градоначалникот Бочварски.
Студијата за животна средина, која е финансиски помогната од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство оценува дека браната има рекреативни цели, потоа е со цел обезбедување на биолошки минимум на реката Отиња, која сега е сува река, за заштита од поплави, но и обезбедување на доволно вода за наводнување на зелените површини, објасни Менка Спировска, која го работеше документот.
-Сите сме сведоци на климатските промени, кои навестуваат сушни периоди и сушни лета, но навестуваат и поројни дождови. Се надеваме дека влијанието на климатските промени ќе бидат остварени преку мерките што се пресметани во самиот проект, изјави Спировска.
Изградбата на браната ќе чини 7,5 милиони евра, што се очекува да ги обезбеди Владата. Првите пари треба да стигнат со најавениот ребаланс на државниот Буџет.
– Можам да ја информирам јавноста дека ние веќе испративме допис до Владата, со кој побаравме овој проект изградба на брана на река Отиња да влезе во ребалансот на буџетот, што очекувам да се случи во септември или октомври. Ние ги спазуваме сите норми прописи, коишто веќе ги договориме со премиерот Заев за да влеземе што е можно поскоро во реализација на овој објект, појаснува Бочварски, кој очекува до крајот на годината да се добие дозволата за градба и да се почнат тендерските постапки.
Изградбата на браната се предвидува да трае две до три години.