Пожарот на Велешкото Езеро доцна синоќа по 22.30 часот во најголем дел е локализиран, но се’ уште тлеат делови од брегот. По повеќечасовната борба со огнот спасени се објектите, но неповратно е загубена 50-годишна борова шума и целиот зелен дел на Велес. Во пожарот изгоре свињарска фарма, која во моментот била без добиток, една викендичка, а зафатени се и прагови на пругата на која минува возот од Скопје за Кочани. Според проценките, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.
Огнот се приближил до населбата Отовица кај велешкото езеро „Младост” но биле ископани ровови и поставена земја со што било спречено огнената стихија да се прошири кон куќите.
Во гаснење на огнот кој пламнал околу 11:40 минути од правец на Скопје, а кој брзо се префрлил кон велешкото езеро „Младост” и ја зафати боровата шума, освен ТППЕ од Велес се вклучиле и пожарникари од Неготино, Свети Николе, Штип, Кавадарци и Скопје, припадници на АРМ, вработени во ЈП „Македонски шуми” и ЈКП „Дервен”, а од воздух се гаснеше со два авиони на ДЗС и еден хеликоптер на АРМ. Поради сериозноста од ширење на пожарот бил вклучен и противпожарниот воз на ЈП „Македонски железници” кој најизменично гаснел на двете страни од пругата. Од Јавното претпријатие информираат дека поради пожарот не сообраќал возот Велес-Кочани, а нема да сообраќа ни утринскиот бидејќи изгорени се и стотина прага од железничката пруга на оваа делница
Метеријалната штета е голема, но голема е и штетата по животната средина. Околина на велешкото езеро „Младост” е омилено рекреативно место на велешани и многубројни домашни и странски туристи. Експертите посочуваат дека последиците се големи и ќе треба да поминат многу години за боровата шума која пред 50 години доброволно ја засадија велешани повторно да се ревитализира.
Полицијата синоќа приведе четворица лица кои работеле со електричен алат под сомнение дека го предизвикале пожарот од искри на сува трева, кој брзо се прошири и зафати голема површина.
Изутрината разговаравме со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој вели дека глетката на терен е жална и тажна.
Слушнете од разговорот со градоначалникот Аце Коцевски.
Објавено на: 08/27/19 7:48 AM