Влегуваме во нова, целосно сива зона, од која тешко ќе се излезе, бидејќи сега проблемот не е само Специјалното јавно обвинителство, туку тој навлегува во сите пори на правосудниот систем, рекоа во денешното гостување во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ новинарот Саше Димовски и адвокатот Александар Бежовски.
Се разговараше за аферата „Рекет“ од сите аспекти, почнувајќи од вчера објавениот во некои медиуми записник од исказот на Орце Камчев пред обвинителката Вилма Рускоска на 2 мај годинава, потенцијалната вмешаност на политичари во аферата, иднината на СЈО и очекуваното ставање на Законот за јавно обвнителство деновиве на дневен ред на Собранието.
– Пред малку разговарав со обвинителката Вилма Рускоска. Таа потврди дека публикуваниот во јавноста записник од исказот на Орце Камлев е автентичен. Била објавена негова копија, а оригиналот останал во Обвинителството. Копијата, пак, бил доставена во Кривичниот суд, па се претпоставува дека документот е излезен оттаму. Исказот на Камчев во наредните денови мислам дека ќе отвори и серија други постапки – рече Димовски.
Адвокатот Бежовски смета дека СЈО ќе се одржува вештачки додека не се најде политичко решение од ќор-сокакот во кој западнаа и СЈО и македонското судство.
– Целиот случај, значи „бомбите“ почнаа да ја компромитираат, а потоа и ја урнаа претходната влада, а сега „Рекет“ ја компромитира како Владата, така и целото македонско правосудство. Пластично – олигархот, кој парите можеби успеал да ги направи преку манипулации со судството претходно, сега успеа да ни’ го донесе како на тацна и пластично да ни’ објасни како функционира таа корупција – истакна Александар Бежовски.
Двајцата гости рекоа дека мислат оти ќе се бара политичко решение под притисок на меѓународната заедница и оти во наредните денови може да се очекува „реалити шоу“, нова „голема забава“ за народот.