Почина Јордан Костадинов, лидер на ОМО Илинден – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/19 11:17 AM

Почина Јордан Костадинов, лидер на ОМО Илинден

По кратко боледување, во осумдесет и седмата година од животот почина Јордан Костадинов Иванов во својот дом во Сандански. Јордан Костадинов е роден на 9 ноември 1932 година во село Врапче, Пиринска Македонија.

Јордан Костадинов  е македонски национален деец од Пиринскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците во Бугарија и познат на македонската јавност и на Македонците ширум светот.

Како македонски национален активист во периодот до деведесеттите години од минатиот век бил два пати затворан од бугарската власт, секогаш со задолжителен престој во најтешки затворски услови.

Во 1990 е еден од основачите на македонската организација ОМО Илинден и нејзин лидер. Целиот свој живот го посвети за човековите и националните права на Македонците во Бугарија како бескомпромисен и смел борец за македонската кауза. Лично, заедно со неговите соборци од организацијата, во повеќе наврати покрена судска постапка пред Судот за човекови права во Стразбур и во повеќе наврати Бугарија беше осудена за кршење на човековите права.

Погребот на Јордан Костадинов ќе биде во 10 часот на 24 август 2019 година (сабота).