Не сум се ни приближила до Катица Јанева, се оградувам од старт – вели Стефанова – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/19 11:09 AM

Не сум се ни приближила до Катица Јанева, се оградувам од старт – вели Стефанова

Обвинителката Лиле Стефанова вели дека ниту се гледа, ниту има намера да конкурира за шефица на Специјалното јавно обвинителство. Таа денеска изјави дека уште од самиот старт се оградува од Катица Јанева, која веќе е третоосомничена во случајот Рекет.

„Јас никогаш не сум се ни приближила до Катица Јанева“, додаде Стефанова.

Новинарите ја прашаа какво е чувството да се работи во институција во која шефот е осомничен за криминал.

„Шефот е осомничен пред два дена. Јас сакам да кажам дека денес гледаме расчистување на криминалот и треба да сме горди на тоа, па дали ни бил шеф, пријател или друго, не е важно“, истакна Стефанова. При тоа, таа апелира што побргу да се донесе Законот за јавно обвинителство, за да може СЈО да си ја врши работата:

„Во овој момент редовното Јавно обвинителство не може да преземе ништо во дејствијата од предметите на СЈО, така е и според законот. Предметите ги работеа 10 обвинители и верувам дека се’ е сработено како што треба“.

Стефанова одговараше на новинарските прашања на излегување од Кривичниот суд во Скопје каде денеска требаше да се одржи ново рочиште за случајот Титаники, но тоа беше одложено за четврти следниот месец. Одложувањето го побараа адвокатите на обвинетите, според кои постапката за „Титаник” треба да биде прекината додека се разреши состојбата со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.