Со проекциите на „Мизерикордија“ и „И се стана песна“ ќе биде отворено 10. издание на „МакеДокс“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/19 1:00 PM

Со проекциите на „Мизерикордија“ и „И се стана песна“ ќе биде отворено 10. издание на „МакеДокс“

Со проекцијата на документарните филмови „Мизерикордија“ (Шпанија, Бразил/ 2019/ 22 мин.) на Ксавиер Марадес и „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи во Куршумли-ан ќе биде отворено 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Краткиот документарец „Мизерикордија“ открива портрет на една заедница насликан со сништата на нејзините жители. Режисерот поминува три месеци на островот Итапарика во државата Бахија, Бразил, собирајќи соништа од луѓе чиишто животи ги снима секојдневно. Спојот на сонот и документарното создава уште една реалност која му припаѓа на магичното: сон на соништата, филм што ги опишува волшепствата и наследството од Бахија, африканското срце на Бразил.

Документарецот „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи се прикажува во селекцијата Нови автори. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви.

Харви, писателка и музичарка, и наградуваниот фотограф Шејмус Марфи ги сплотуваат/здружуваат своите креативни потенцијали и тргнуваат на пат, минувајќи низ Авганистан, Косово и Вашингтон. Харви собира зборови, а Марфи слики. Кога ќе се вратат дома, зборовите стануваат поезија, па песни, па албум кој е снимен како неповторлив уметнички експеримент во Сомерсет Хаус, Лондон.

По проекцијата на филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика, со Џорџа Поли како специјална гостинка.

Претходница на филмската програма е фотоизложбата „МакеДокс временска машина“.

„На десеттото патувачко кино на ’МакеДокс‘, продолжувајќи ја традицијата на првите киноприкажувачи, правевме фотографии со една прастара технологија. Ги ставивме современите лица во една постара рамка и најчесто во рамките се засекогаш овековечени љубезните домаќини и љубопитните гости, во еден кадар. Магијата што настана можеби и не е достапна за сите и не е зависна од техничкиот ами од човечкиот квалитет кој е внесен во секоја фотографија. Секоја прашинка и лоша експозиција на стаклените плочи носат дополнителна информација за речиси неверојатните услови за правење фотографии на ваков начин, како и за неизмерната стрпливост и убава енергија на сите фотографирани. Затоа нивната вредност е непроценлива. Скенирани, овие фотографии имаат многу изгубено од својата убавина, но секако, ќе можете да ги видите во Куршимли-ан, во оригинал“, открива авторот на изложбата Сашо Н. Алушевски.

Фестивалот „МакеДокс“ од 21 до 28 август ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“.

Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музеј на РСМ, Археолошки музеј на РСМ, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија во Северна Македонија, Италијанска амбасада во Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Current Time TV.

Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, МКЦ и Кинотека на РСМ.

Медиумски покровители на фестивалот се Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, Сакам да кажам.мк, МКД.мк, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Антена5, Канал 103, Радио ЏезФМ, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк и PopUp.